Италијанскиот гигант Милан реагираше на пишувањата на спортскиот весник „Газета дело спорт“ кои на насловната страница објавија дека славниот клуб го загубил „достоинството“ при 3:0 поразот од Верона во неделата.
Насловот на кој се пишува за „нула достоинство“ кај „росонерите“ не помина најдобро кај челниците на тимот.
„Поразот од Верона за нас беше, без сомнеж, сериозен, застрашувачки и неприфатлив. Меѓутоа, со почит кон докажаниот морален интегритет на нашиот тренер и на целиот тим, секоја форма на конфузија околу концептот на достоинство е неприфатлив. Милан се извини за перформансите кај Верона, кои заслужуваат критики, но посочување на недостатокот на достоинство остава горчлив вкус во устата и не е обична критика. И по лош резултат, нема потреба за вакви пресуди. Топката останува топка, а нашето достоинство е нешто сосема друго“, се вели во соопштението на тимот.