Фудбалската репрезентација на Австралија избори пласман на Мундијалот во Русија. „Кенгурите“ во возвратниот натпревар го совладаа Хондурас со 3:1 (0:0). Првиот меч од интерконтиненталниот бараж, кој се одигра во Хондурас, заврши без голови.
Херој на Австралија е искусниот Миле Јединак, кој забележа хет-трик, еден гол постигна од игра, а два беше сигурен реализатор на ударите од 11 метри.
На „АНЗ“ стадионот во Сиднеј, Австралија, го диктираше темпото и го контролираше натпреварот во првото полувреме, но не успеа да ја пробие одбраната на Хондурас.
„Кенгурите“ пласманот на Мундијалот го најавија по осум минути игра во вториот дел. Јединак изведе слободен удар, топката на патот кон голот удри во еден од репрезентативците на Хондурас и заврши зад грбот на Денис Ескобар.
Во 71.минута Брајан Акоста играше со рака во својот шеснаесетник, а сигурен реализатор на пеналот беше Јединак. Нов пенал Австралија доби во 84.минута кога Акоста направи прекршок пред својот гол. Топката повторно ја зеде фудбалерот на Астон Вила и третпат го совлада Ескобар.
Хондурас успеа да постигне гол во судиското надополнување на времето, во 94. минута преку Мајнор Фигуероа.
Австралија е претпоследната репрезентација која се пласира на Мундијалот, а последниот учесник ќе биде познат во ноќта помеѓу четврток и петок, кога бараж-реваншот ќе го одиграат Перу и Нов Зеланд. По првиот натпревар одигран во Нов Зеланд резултатот е 0:0.