Секојдневно медиумите во Шпанија се занимаваат со шпекулациите околу иднината на тренерот на Барселона, Ернесто Валверде. Барса со победата на Еибар и по поразот на Реал, ја презеде челната позиција на табелата.
Резултатите во Ла Лига не се толку интересни за медиумите кои традиционално се наклонети кон каталонскиот великан. Нив ги интересираат трофеите во Лигата на шампионите каде Барса последен пат победиле во 2015 година.
Според нив Валверде нема капацитет да го води тимот до титулата во најквалитетното европско натпреварување, поради што секојдневно му бараат замена.
Според најновите шпекулации од наредната сезона Барселона ќе ја води Роналд Куман. Холанѓанецот е миленик на навивачите, тој во 1992 година го постигна голот во финалето на ЛШ против Сампдорија, а Барса ја освои својата прва титула во елитното натпреварување.
Куман е актуелен селектор на Холандија, има договор до 2022 година, но и клаузула според која може да замине по завршувањето на ЕУРО 2020.