Top Sport

Милинковиќ-Савиќ: Не мрдам од Италија, тука е мојот брат

Ако некој клуб сака да го добие Сергеј Милинковиќ-Савиќ, ќе мора да плати 150 милиони евра, но ѕвездата на Лацио вели дека не планира да замине од тимот, посебно бидејќи и неговиот брат е во Серија А.

Играчот од средниот ред беше поврзуван со спектакуларен трансфер во Манчестер јунајтед, ПСЖ, Барселона и Интер, но тој вели дека му е добро таму каде што е.

„Имав година на која ќе се сеќавам и сакам ист успех и во 2018 година. Има многу предизвици, но секој ден пред натпреварите и пред тренинзите си велам дека денеска е денот кога ќе бидам подобар. Фокусиран сум само на Лацио. Серија А е многу посилна лига сега, а како клуб имаме јасна цел да бидеме во Лигата на шампионите. Среќен сум во Рим“, вели Милинковиќ-Савиќ во интервју за „Новости“.

Една од причините поради која не сака да ја напушти Италија е присуството на неговиот помлад брат Вања Милинковиќ-Савиќ, кој во моментов е втор голман на Торино.

„Многу ми значи тоа што Вања е блиску до мене. Се подржуваме и се мотивираме. Играме во една од најсилните лиги на светот и горди сме што сме тука“, додава 22-годишниот српски интернационалец.

Scroll to Top