Србија ја совлада Црна Гора со 2:0 во меч од Лигата на нации во четвртокот, а еден од присутните на стадионот „Под Горица“ во црногорската престолнина беше Жозе Мурињо во необична скаутска улога.
Според многумина, целта е една – играчот од средниот ред на Лацио, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, кој иако потпиша продолжување на договорот со италијанскиот клуб, очигледно останува „мета“ на Манчестер јунајтед.
23-годишниот СМС влезе во натпреварот како замена во второто полувреме и вели дека е задоволен што Мурињо го гледал како игра.
„Јас сум фудбалер на Лацио, но очигледно сум среќен што тренер од негов калибар доаѓа да го гледа овој натпревар. Можеби и тој не се согласуваше со стартниот состав, но тоа не е моја одлука. Можеби беше тука за некој друг. Некаде прочитав дека дошол посебно за мене, но тоа не значи дека е така“, вели Милинковиќ-Савиќ.
Еден од фудбалерите за кои Мурињо можеби е заинтересиран е дефанзивецот Никола Миленковиќ, кој игра во Фиорентина.