Поранешниот спортски директор на Милан, Масимилијано Мирабели влезе во зачудувачки напад на сегашните први луѓе на „росонерите“, оценувајќи дека кога тој бил во клубот, барем се знаело кој ги води работите.
Мирабели беше на својата позиција нешто повеќе од една година, откако контроверзниот Кинез Ли Јонгхонг го откупи клубот од Силвио Берлускони во април 2017. Тој доби отказ летото 2018, кога тимот беше преземен од американската компанија „Елиот менаџмент“ бидејќи Ли не успеа да го врати долгот од 300 милиони евра до групацијата.
„Кога бев таму, се знаеше кој го води тимот. Немаше конфузија и резултатите беа тука. Бевме во Лига Европа, блиску до Лигата на шампионите и игравме финале на Копа Италија против Јувентус. Жалам што немавме време и се надевам дека сегашните директори ќе ја продолжат работата. Но, шпекулациите го дестабилизираат тимот, и никој не му дава на Стефано Пиоли да работи како што треба“, вели Мирабели.
Тој исто така смета дека ангажирањето на Златан Ибрахимовиќ само ја покажува очајноста на клубот.
„Ибра им даде нешто значително на младите луѓе кои го знаеја само од албумите со сликички. Но, тоа е моментално решение. Не може целиот тим да се потпре на 38-годишен фудбалер“, додава Мирабели.