Top Sport

Младите се подготвени за Казахстан

Македонската репрезентација до 21 година го одржа последниот тренинг во пресрет на утрешниот квалификациски натпревар против Казахстан за пласман на Европското првенство 2021. година.

Селекцијата на Благоја Милевски по воведните две кола има максимални шест бодови по домашниот триумф со Фарски Острови од 7:1 и победата во Подгорица против Црна Гора од 2:1.

Нашите репрезентативци Аргон Руфати и Милан Ристовски сметаат дека овој натпревар против Казахстан ќе биде различен од претходните, велат дека противникот има квалитет, но убедени се дека со правилен пристап може да се издвојува нова победа во групата.

– Против Црна Гора остваривме значајна победа, иако натпреварот воопшто не беше лесен. Сепак, и покрај некои наши грешки и недостатоци во играта за кои зборуваме и работиме со селекторот и стручниот штаб, успеавме да победиме и да го добиеме посакуваниот резултат. Натпреварот со Казахстан ќе биде сосема поразличен.

Противникот е квалитетен, физички се силни, но сметам дека со правилен пристап можеме да дојдеме до нови три бода. Не се сомневам дека заеднички повторно ќе дадеме сѐ од себе и на крајот ќе се радуваме, изјави Милан Ристовски.

– Ги оставаме зад нас првите два натпревари во кои остваривме две победи. Секогаш е специфично да се добие натпревар против противник за кој јавноста смета дека ќе биде лесно. Казахстан воопшто не е наивна репрезентација, играат брзо, тактички се одлично подготвени и мораме да бидеме многу внимателни и добри во дуелите доколку сакаме победа. Наше е да го одиграме тоа што го бара селекторот, а доколку успееме во тоа, мислам дека сме на прав пат, изјави Агрон Руфати.

Дуелот Македонија-Казахстан ќе се одигра утре во 14:30 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.

извор/ffm.mk

Scroll to Top