Некогаш клучниот човек во спортскиот сектор на Јувентус, Лучиано Моџи, во разговор за „Кориере дело спорт“, открил интересен детал од 2003 година поврзан со Кристијано Роналдо и дополнил дека во 2018 година не би потрошил 112 милиони евра за 33- годишниот фудбалер.
Моџи открил дека, во 2003 година, трансферот на тогаш 18-годишниот Кристијано во Јувентус, пропаднал поради Чилеанецот Марсело Салас.
„Имаше 18 години, играше за Спортинг Лисабон. Го гледав, а веќе наредното утро потпишав договор со него. Договорот беше на Спортинг да му платиме пет милијарди лири како обесштетување и да го испратиме во Лисабон Марсело Салас, на кого му реков дека од нас ќе добие една милијарда лири. Но тогаш Салас реши да оди во Аргентина, во Ривер Плата и Манчестер јунајтед го зеде Роналдо“, рекол Моџи.
„Во тоа време бевме во криза. Јувентус немаше ниту паричка. Кога станува збор за маркетингот, трансферот на Роналдо е извонредна работа, но јас никогаш не би потпишал со 33-годишен фудбалер, ниту би го продал Игуаин, фудбалер што ви гарантира 20 гола во лигата. Најпрвин би го продал Игуаин за 50 милиони евра, а потоа би потпишал договор со Роналдо“, дополнил Моџи.