Шпанските обвинители тврдат дека играчот од средниот ред на Реал Мадрид, Лука Модриќ избегнал да плати данок од 870.728 евра за користење на права на неговиот лик во 2013 и 2014 година.
Хрватскиот репрезентативец е последниот во низата фудбалери и тренери вклучени во истрага за даночно затајување во Шпанија, откако претходно беа испитувани неговите колеги Кристијано Роналдо и Марсело, како и поранешниот тренер Жозе Мурињо, но и првата ѕвезда на Барселона, Лионел Меси.
Истрагата ја вклучува и сопругата на Модриќ и компанијата „Ивано САРЛ“ формирана во Луксембург. Според документите, Модриќ потпишал договор во декември 2012 префрлајќи ги правата на неговиот лик на „Ивано“, кои добиле 552.485 евра во 2013 и 729.000 евра во 2014 година. Спонзорот на Модриќ, „Најк“ платил 729 илјади евра на „Ивано“ во тие две години,а според обвинителите компанијата е „лажна“ и формирана само за избегнување на плаќање данок.
32-годишниот Модриќ дојде во Реал од Тотенхем во 2012 година за 40 милиони евра.