Лука Модриќ ја прослави титулата најдобар фудбалер на СП во Русија во својот град Задар со уште тројца соиграчи – Даниел Субашиќ, Шиме Врсаљко и Доминик Ливаковиќ во вторникот навечер, по што изјави дека се надева дека вицешампионската титула ќе донесе придвижување на работите во неговата татковина.
Фудбалерите со маички „Задарска дица“ (деца на Задар) со едреник дојдоа пред десетина илјади луѓе на Форумот во Задар, по што забавата траеше долго во ноќта. Иако прославата веќе трае два дена, Модриќ имаше сили за повеќе.
„Тешко ми е да ги опишам чувствата. Можам да кажам дека последните месец и пол дена на Светското првенство беа најдобрите денови во мојата кариера. Тоа што го доживеавме беше остварување на сите соништа. Сега, само се надевам дека цела Хрватска ќе се придвижи како во последните месец дена. Јас? Мене ме чека само одмор, без никакви планови“, изјави Модриќ.