Top Sport

Моќен Тотенхем – Ливерпул „разбиен“ на „Вембли“

Тотенхем го растури Ливерпул со 4:1 за се израмни со Манчестер јунајтед по бројот на поени на третото место во Премиер лигата, со пет поени помалку од лидерот Манчестер сити.

Дека нема да му биде лесно на тимот на Јирген Клоп на гостувањето во Лондон стана јасно уште за 12 минути, кога Тотенхем стигна до водство од 2:0 со головите на Хери Кејн и Хеунг-Мин Сон.  Ливерпул покажа ветување за израмнет меч кога Мохамед Салах во 24. минута намали на 2:1, меѓутоа Деле Али во финишот на полувремето го зголеми водството на домаќините.

На стартот на второто полувреме, Тотенхем повторно „притисна“ и во 56. минута Кејн уште еднаш покажа зошто е на „мета“ на повеќе тимови (вклучувајќи го и Реал Мадрид) со нов гол за убедливо водство од 4:1. Кејн сега во календарската 2017 година има постигнато 36 гола во 34 настапи за „Спарси“.

На трибините беше и аргентинската фудбалска легенда, Диего Марадона, како поддршка за аргентинскиот тренер на домаќините, Маурисио Покетино.

За Ливерпул ова беше уште еден показател дека нешто не функционира во одбраната на тимот, и „црвените“ сега се деветти на табелата со 13 поени, дури 12 помалку од лидерите Сити.

Scroll to Top