Хери Кејн на совршен начин го сруши рекордот за постигнати голови во една календарска година во Премиер лигата, откако со хет-трик ги предводеше Тотенхем до моќна 5:2 победа над Саутемптон во првиот меч од „Боксинг деј“ акцијата во Англија.
Бројките на англискиот репрезентативец во годината која изминува се просто неверојатно. Тој има 39 голови во Премиер лигата, поминувајќи го рекордот на Алан Ширер поставен за Блекбурн во 1995 година, и има неверојатни осум хет-трика во годината. Севкупно, тој има постигнато 56 гола во 2017 година.
Ширер експресно му честиташе на Кејн преку Твитер.
„Имаше фантастична 2017 и ги заслужуваш сите рекорди. Одлично завршена работа“, напиша легендарниот англиски напаѓач.
You’ve had a magnificent 2017 @HKane. You deserve to hold the record of most @premierleague goals in a calendar year. Well done and keep up the good work. ????♂️
— Alan Shearer (@alanshearer) December 26, 2017
Против Саутемптон, Кејн ја обезбеди победата со два гола во првото полувреме (22. и 39. минута), по што Тотенхем постигна уште два брзи гола на почетокот на второто полувреме – Деле Али во 49. и Хеунг-Мин Сон во 51. минута. Софијан Буфал намали на 5:1 во 64. минута, пред Кејн да го комплетира хет-трикот три минути подоцна. На Саутемптон мора да им се признае дека одеа во напад до финишот на мечот, кога Душан Тадиќ намали на 5:2 во 84. минута.
Со победата, Тотенхем го мина Ливерпул на четвртото место на табелата со 37 поени, два поени пред „Црвените“, кои од 18.30 ги пречекуваат Свонси. Саутемптон е на 13. место со 19 поени и без победа во последните шест натпревари.