Top Sport

Монтела: Се надевам дека вонземјанинот Меси ќе биде во вселената

Севилја и Барселона, вечерва, на стадионот „Ванда Метрополитано“ во Мадрид, ќе се борат за трофејот во Купот на Шпанија.

Барселона, по болната елиминација од Рома во Лигата на шампионите, ќе се обиде да ја спаси сезоната со двете домашни титули. Онаа во првенството е обезбедена, а на патот до пехарот во Купот ќе треба да ја совлада Севилја.

Екипата од Андалузија сезонава најдобро игра против врвните тимови. Тоа го покажа со елиминацијата на Манчестер јунајтед во Лигата на шампионите и неодамна во првенството кога до 88.минута имаше 2:0 против Барселона, меѓутоа Меси со два гола за само 70 секунди и донесе бод на Барса.

„Барселона е одличен тим, тоа го гледаме во Ла Лига. Тие се фаворити и против нас, но ние мора да се насочиме само на нашата игра. Мора да имаме позитивен став, да веруваме во нашиот квалитет. Мислам дека Меси е вонземјанин, поради што се надевам дека ќе биде високо во вселената, а не на Земјата кога ќе се игра натпреварот. Не смееме да му дозволиме да ја има топката. Мораме да бидеме максимално сконцентрирани, неодамна видовме дека можеме да играме против Барселона“, рекол тренерот на Севилја, Винченцо Монтела.

Натпреварот на „Ванда Метрополитано“ ќе започне во 21:30 часот.

Scroll to Top