Поранешниот претседател на Интер, Масимо Морати вели дека е возбуден да го види својот поранешен клуб под водство на Антонио Конте, но не сфаќа зошто тој сака да се „ослободи“ од Мауро Икарди, објаснувајќи дека тој е многу подобар напаѓач од Ромелу Лукаку и од Един Џеко, двајца фудбалери кои се на „радарот“ на Конте.
Морати, кого навивачите на Интер засекогаш ќе го паметат како архитектот кој ја донесе тројната титула во 2010 година, даде оценка за неговиот тим.
„Искрено, многу сум љубопитен да го видам Интер на Конте. Мислам дека квалитетот на тренерот значи дека може да се остварат многу работи тука. Тоа што бил во Јувентус е нерелевантно, тој е професионалец кој работел со многу тимови, вклучувајќи ја репрезентацијата. Секако, ова е голем тест, бидејќи не е лесно да си тренер на Интер“, вели Морати.
Сепак, тој не сфаќа зошто Икарди мора да си оди.
„Џеко и Лукаку се многу добри напаѓачи. Едниот е многу талентиран, другиот е силен физички, но би кажал дека Икарди е многу подобар од двајцата. Ситуацијата околу Икарди е поделикатна од ситуациите во кои се наоѓав јас. Не ме интересира неговото однесување на социјалните мрежи, бидејќи секогаш ги ценев фудбалерите за тоа што го прават на теренот. Ако отиде во Јувентус, тогаш ’бјанконерите’ ќе бидат супер-тим. Јуве се фаворити за скудетото пред Наполи и Интер, но ние направивме добар тим, посебно во одбраната со Хандановиќ, Шкринијар, Де Фрај и Годин“, додава Морати.