Иако Луис Енрике повторно не беше на клупата на Шпанија, тој останува лидер на тимот, вели неговиот помошник Роберт Морено по 4:1 победата на гости кај Фарските Острови во квалификациски меч за Евро 2020.
Морено вели дека останува во постојана комуникација со Луис Енрике и дека добил совети од него при победата. Енрике не е на клупата на Шпанија откако ја пропушти победата во март против Малта поради „семејна работа“.
„Контактирав со Луис цел викенд за подготовките за натпреварот. Зборував со него пред мечот и разговаравме со него во текот на мечот. Јас сум тука за да помогнам и додека сум потребен, но Луис останува селектор“, вели Морено.
Мечот против Фарските Острови исто така беше важен за Санти Казорла, кој се врати во репрезентацијата по три и пол години. 34-годишниот фудбалер на Вилјареал имаше катастрофална повреда на ахиловата пета, а во петокот му ја дадоа највисоката чест – ја носеше капитенската лента кога го замени Серхио Рамос на полувреме.