Зинедин Зидан не се откажува од намерата Кејлор Навас наредната сезона да биде прв голман. Францускиот тренер нема поддршка во клубот за оваа своја идеја, а причината е што тој сака неговиот син Лука да му биде резерва на Костариканецот.
Реал Мадрид, на почетокот на сезоната потпишаа договор со Тибо Куртоа. Белгиецот беше стандарден на голот кај претходниците на Зидан, Хулен Лопетеги и Сантијаго Солари, а се пресели на клупата за резерви откако Зизу се врати во клубот.
Зидан никогаш не криел колку ги цени голманските квалитети на Навас, во минатото ги одби сите обиди на Флорентино Перез да го продаде репрезентативниот голман на Костарика.
Поединци во клубот, а и медиумите го обвинуваат Зидан за непотизам, поради синот Лука и го критикуваат дека покрај Куртоа сака да се откаже и од Украинецот Лунин, за кого Реал платија 8,5 милиони евра.
Лунин е позајмен во Леганес, но досега има настапено на само три натпревари. „АС“ пишува дека Зидан не ги познавал квалитетите на Украинецот, не бил донесен по негово барање и поради тоа немал намера да го форсира.