Top Sport

Мурињо и прес конференција од 210 секунди: Нема да ви кажам какви проблеми имаме

Жозе Мурињо продолжи да „војува“ со англиските новинари. Откако закажа прес конференција во 8 часот, на истата се задржал три минути и 30 секунди. Вообичаено прес конференциите, што се обврска пред секој натпревар, Мурињо ги одржува пет часа подоцна, но тој решил на некој начин да ги казни новинарите.

Португалецот рекол дека неговиот тим мора да го победи Њукасл (сабота, 18:30 часот), за да ја прекина низата на лоши резултати.

„Важно е да го победиме Њукасл. Можеме да бидеме подобри, но за тоа ни се потребни бодови, оние што ги загубивме во претходните две средби. Знаеме дека можеме да ја подобриме нашата позиција“, рекол Мурињо и дополнил.

„На почетокот сме на октомври. Погледнете ги табелите ширум Европа, тие не го прикажуваат она што ќе се случи за неколку месеци или на крајот од сезоната“.

Менаџерот на Манчестер јунајтед потенцирал дека проблемот на неговиот тим не се поразите, туку натпреварите без победа.

„Имам само еден пораз дома во сезоната, еден пораз на последните седум натпревари, но исто така немаме победа на последните три дуели. Три нерешени натпревари не се три порази, меѓутоа не се ниту три победи. Важно е да го победиме Њукасл. тоа нема да биде лесно. Имаат одличен менаџер (Рафа Бенитез). Тие секогаш играат добро против топ екипи“.

На новинарско прашање зошто ситуацијата во Манчестер јунајтед не е добра оваа сезона, Мурињо одговорил:

„Од повеќе различни причини“.

Потоа следувало ново прашање: Дали можете да откриете некои од нив?

„Не“, рекол Мурињо и ја завршил прес конференцијата.

Scroll to Top