Менаџерот на Тотенхем, Жозе Мурињо признава дека многу му недостасува фудбалот (како и на сите нас), но дека не сака да биде „себичен“ додека светот се бори со корона вирусот.
Премиер лигата е „затворена“ од март со најави за можно рестартирање дури во јуни, откако клубовите потврдија дека желбата е да се комплетира сезоната 2019/20. Тотенхем се обиде да ги заддржи фудбалерите подготвени со виртуелни тренинзи кои ги води Мурињо, а самиот Португалец останува зафатен со повеќето проекти на клубот за помош на локалната заедница, како помош за транспорт на овошјето и зеленчукот кое обично се користи за фудбалерите на тимот.
„И пред карантинот, се обидовме да им дадеме на фудбалерите вистински услови за изолирана работа, односно да им ги опремиме домовите. Горд сум на тоа како тимот го организираше тоа. Исто така многу сум горд за тоа што го прави клубот, бидејќи мојата работа е минимална. Но, кога правиш добро работи, не мораш да ги правиш јавно, бидејќи го правиш тоа од срце“, вели Мурињо во интервју за „Скај спортс“.
Тој, сепак, минатиот месец беше предупреден за прекршувањето на правилата за социјално дистанцирање предводејќи неколку фудбалери на тренинг во парк во Лондон.
„Ми недостасува фудбалот, но се обидувам да не бидам себичен, туку балансиран и човечен. Ми недостасува нашиот свет, а фудбалот е само дел од тоа. Мораме да бидеме трпеливи во оваа битка. Подобро да почекаме подобри денови во кои ќе бидеме здрави, а нашите семејства нема да страдаат“, вели Мурињо.