Жозе Мурињо не може да престане да зборува. Португалскиот менаџер на Манчестер јунајтед повторно се почувствува потценет оваа сезона и сега саркастично вели дека можеби е потребно да стигне до својот 26. трофеј за да го сметаат за успешен.
Додека ривалите како Маурисио Покетино, Пеп Гвардиола и Јирген Клоп добиваат пофалби за својот стил на работа, португалскиот тактичар добива критики за својот понекогаш дефанзивен стил на игра.
Пред гостувањето кај стариот клуб Челси денеска, тој вели дека 25 трофеи е границата која еден тренер треба да ја достигне за да биде успешен. Нормално, другите ривали немаат таков успех – Гвардиола (21), Антонио Конте (6); Јирген Клоп (5) и Покетино (0).
„Мислам дека најверојатно 25 трофеи е границата која луѓето ја сметаат за нормална за да се зборува за успешен менаџер. Некои менаџери, треба да освојат уште барем еден трофеј . Некои имаат 25 трофеи, некои 4, некои 15. Јас имам 25, но сакам уште еден. Можеби кога ќе ја надминам границата ќе ме почитуваат повеќе“,вели Мурињо.