Португалскиот фудбалски стручњак Жозе Мурињо продолжи со „додворувањето“ кон својот поранешен клуб Реал Мадрид по новите шпекулации кои го поврзуваат со враќање на „Бернабеу“.
Сега, во ново интервју, поранешниот тренер на Манчестер јунајтед, кој во декември беше отпуштен по слабите резултати вели дека има „фантастични“ сеќавања од времето во Мадрид и вели дека таму станал подобар тренер, но и подобра личност.
Португалецот помина три години кај Реал од 2010 до 2013, освојувајќи трофеј од Ла лига, од Копа дел реј, но не и од Лигата на шампионите.
„Имам прекрасни сеќавања. Да се работи во Реал Мадрид е уникатно искуство и различно од сите други клубови во кои сум бил. Направивме фантастични работи и ја освоивме лигата на уникатен начин. Да, имавме и лоши моменти, направив грешки, но тоа ме направи подобар менаџер и подобра личност“, вели Мурињо во интервју со „Депортес куатро“.