Вербалната војна меѓу тренерите на Челси, Антонио Конте и на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо продолжува.
Мурињо го ескалираше несогласувањето со Конте, посочувајќи дека за разлика од Италијанецот, тој никогаш не бил суспендиран за местење мечеви. Ова доаѓа откако Конте го нарече Мурињо „сенилен“ откако Португалецот најави дека нема да се однесува како „кловн на клупата“. Мурињо сметаше дека дел од менаџерите (тука се мислеше на Конте и на Јирген Клоп) се однесуваат „како лудаци“ во текот на мечевите.
По петочната победа на Јунајтед од 2:0 над Дерби Каунти во ФА купот, Мурињо го „крена“ нивото.
„Единствено нешто што сакам да кажам за крај на приказната е дека да, јас правев грешки порано на клупата и на линијата за судиите. Ќе ги правам помалку во иднина. Но, мене никогаш нема да ми се случи да бидам суспендиран за местење мечеви. Тоа не се случи и нема да се случи“, изјави Мурињо.
Коментарот на Португалецот е за суспензијата од четири меча која Конте ја отслужи во сезоната 2012/13 додека беше тренер на Јувентус за тоа што не ги известил италијанските фудбалски власти за обидот за местење меч додека беше тренер на Сиена. Конте беше обвинет дека не направил ништо да го спречи местењето на меч во 2011, но на крајот беше ослободен од обвиненијата.
Чекаме следна рунда…
Конте: Кловнови? Мурињо беше најголем кловн, но станал сенилен (видео)