Менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо, рекол дека не постои никаков проблем помеѓу него и Пол Погба.
Францускиот репрезентативец изминатите денови се поврзува со трансфер во Барселона, а неговата изјава дека никој не може да игра на највисоко нво доколку не е среќен и дека не смее повеќе да каже бидејќи ќе биде казнет, предизвика многу полемики.
„Не се тепавме, само разменивме неколку тешки зборови. Се почитуваме и тука нема никаков проблем. Не го прашав зошто тоа го изјавил и нема да го прашам. Тоа можете вие да го направите. Единствената вистина е дека работиме заедно две години и јас никогаш не сум бил посреќен. Не можам да барам ништо повеќе од него. Дојде во тимот по СП, тренираше три дена и веднаш играше натпревар. Тоа е повеќе од она што очекувавме“, рекол Мурињо.
Португалецот потоа на сите медиуми им испратил порака.
„Ве молам, пишувајте што сакате за него, за мене, само немојте да лажете. Немојте да го ставате Погба во ситуација, во која луѓето можат да помислат дека тој е невоспитан. Тој не е таков“, дополнил менаџерот на Јунајтед.