Шампионите од Премиер лигата, Манчестер сити се богат клуб, но не можат „да купат класа“, вели менаџерот на градските ривали, Јунајтед, Жозе Мурињо.
Португалецот одговараше на прашањето дали го гледал документарниот филм „Сѐ или ништо“ на Амазон во кој се документира патот на тимот на Пеп Гвардиола до рекордната титула со 100 поени.
„Мислам дека можеш да имаш фантастичен филм и да ги почитуваш другите, нема потреба да бидеш контра другите. Не го гледав цел филм, но знам неколку моменти. Ако си богат клуб и ги купуваш најдобрите фудбалери, не значи дека можеш да купиш и класа. Тоа беше првата реакција. Втората реакција беше, бидејќи и јас сум во тој филм, треба да барам дел од парите од правата“, вели Мурињо.
Сити можеа да ја освојат титулата со победа на Јунајтед на „Етихад“ на 7 април и водеа со 2:0 на полувреме, пред Јунајтед да победи со 3:2. Домаќините тогаш испечатија шампионски маички, но тие на крајот почекаа уште две недели.
„Знаете, филм без мене не се продава добро и затоа морав да бидам таму. Но, ако ми дадат една од тие маички на кои пишуваше: ’Успеавме на дербито’, ќе се откажам од правата“, додава Португалецот.