Жозе Мурињо го нападна легендарниот фудбалер на Манчестер јунајтед, Пол Сколс поради неговите критики кон Пол Погба.
На Сколс не му пречеше долгогодишната врска со Јунајтед да изјави дека Погба само „шета“ на теренот и дека тоа не е истиот фудбалер кој го гледавме во дресот на Јувентус, и Мурињо смета дека овие коментари се не-фер.
„Мислам дека Пол Сколс само критикува. Не мислам дека коментира, туку дека само критикува, што е сосема различно. Не можеме сите да бидеме феноменални како што беше тој како играч. Погба го дава својот максимум постојано, некогаш игра многу добро, некогаш добро, а некогаш не игра добро. Не е вина на Пол што заработи многу повеќе пари од Пол Сколс. Таков е фудбалот. Сколс во историјата ќе влезе како феноменален играч, а не како коментатор и така сакам да гледам на него – како феномен кој даде толку многу на клубот кој сум горд што го претставувам. Ако стане менаџер сакам да биде барем 25 отсто успешен како мене – да освои околу шест трофеи“, вели Мурињо.
По овој одговор, Мурињо даде оценка дека поранешните ѕвезди на Јунајтед се лути што немаат позиции во клубот кој ги држеше на пиедестал во текот на играчката кариера.
„Мислам дека тие би сакале да се тука. Да бидат во клубот, но тоа не е проблем кој јас можам да го решам“, додава Португалецот.