Top Sport

Мурињо потврди: Ибрахимовиќ, Погба и Рохо се враќаат во сабота

Менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо откри дека Маркос Рохо, Пол Погба и Златан Ибрахимовиќ се во игра да бидат во првиот состав за саботниот дуел со Њукасл.

„Играчите кои останаа тука и се опоравуваа од повредите, дури и тие кои се опоравуваат од големи повреди се подготвени за игра“, изјави Мурињо за МУТВ во петокот попладне.

Запрашан дали тоа се однесува на Ибрахимовиќ и Рохо, кои имаат повреди од минатата сезона, Португалецот беше директен.

„Погба, Ибрахимовиќ и Маркос Рохо. Сите тројца ќе бидат во составот за овој викенд“, потврди Мурињо.

Рохо нема одиграно сениорски меч од дуелот против Андерлехт во Лигата на Европа на 20 април, во истиот меч во кој се повреди и Златан Ибрахимовиќ. Мурињо побара трпеливост од фановите.

„Златан имаше целосно опоравување. Сега, не можете да очекувате дека ќе биде подготвен за 90 минути или за последователни мечеви. Сега треба да ја врати самодовербата на теренот. Но, од клинична гледна точка, тој е подготвен и тоа е фантастична вест за нас“, додаде Мурињо.

Погба нема играно од првиот меч од Лигата на шампиони против Базел на 12 септември.

„Се гледаше формата на Манчестер јунајтед пред повредата на Пол и по неговата повреда. Толку е едноставно“, објаснува Мурињо.

Scroll to Top