Менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо го нарече новото засилување на „Ѓаволите“, Алексис Санчез „еден од најдобрите напаѓачи на светот“, и додаде дека нема да „чепка“ во Реал Мадрид, каде што во моментов има „пожар“.
Околу можното враќање на Кристијано Роналдо во Манчестер јунајтед се напиша многу последните месеци, но Мурињо вели дека нема теорија да тргнат по неговиот 32-годишен сонародник.
„Мислам дека во моментот кој сега го има Реал Мадрид, јас сум последниот кој треба да додава масло на огнот. Мадрид гори, резултатите не се добри, а тоа е клуб каде што работев три години, за кој уште се грижам, така што јас нема да правам проблеми. Затоа, да ставиме вода на огнот – Кристијано е фудбалер каков што секој менаџер и клуб го сака, но тој е играч на Зинедин Зидан и Реал Мадрид. Тоа е моето чувство“, изјави Мурињо на прес-конференцијата пред дуелот од ФА купот против Јеовил.
Затоа, на Португалецот не му пречеше да зборува за 29-годишниот Санчез, велејќи дека е пресреќен што конечно има шанса да работи со него.
„Тој беше во Англија толку долго, така што мислам дека сите знаат за каков играч се работи. Мислам дека сите знаат што направи во Арсенал. Не зборувам за претходните клубови во Италија и Шпанија, доволно е да се види што правеше во Премиер лигата. Сега имаме еден од најдобрите напаѓачи на светот, кој добро го познавам – бев во Италија кога беше во Удинезе, бев во Шпанија кога беше во Барселона“, објаснува Мурињо.