Менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо имаше низа конфликти со Арсен Венгер, но откако Французинот објави дека заминува од Арсенал, Португалецот посочи дека секогаш го почитувал и побара тој да остане во фудбалот.
Мурињо дел од своите најцинични оценки ги даваше за Венгер, нарекувајќи го „воајер“ и „специјалист за неуспеси“, а еднаш за малку ќе се степаше со него кога беше тренер на Челси. Двајцата ќе се сретнат на „Олд Трафорд“ на крајот на месецот, кога Арсенал му гостува на Јунајтед.
„Ако тој е среќен, и јас сум среќен, ако тој е тажен и јас сум тажен. Секогаш посакувам најдобро на моите противници, но ако мисли дека ќе оди во новиот чекор во својата кариера среќен сум за него. Сигурен сум дека Манчестер јунајтед како клуб бидејќи Венгер и Арсенал беа најголемите ривали во ерата на Сер Алекс, ќе им оддадеме почит кога ќе дојдат кај нас“, вели Мурињо.
Запрашан дали жали за однесувањето кон Венгер, Мурињо пак беше „свој“.
„Не се работи за жалење, и ова е типично прашање за некој кој не бил фудбалер или менаџер, бидејќи не го познавате почитувањето иако понекогаш не игра така. Фудбалерите добиваат црвени картони, кажуваат лоши работи, исто како и менаџерите, но со тие кои најмногу се почитувате имате најголеми проблеми. Секогаш сум велел дека некои имаат кратко сеќавање, а некои кои се фудбалски луѓе, кои се на линијата, играјќи, менаџирајќи, тие се сеќаваат. Знам што значи Венгер – три титули од Премиер лигата, седум од ФА купот, успеси во Јапонија и Франција“, додава Мурињо.