Жозе Мурињо очекува да има одлука за неговата иднина со Рома пред крајот на сезоната, инсистирајќи дека клубот знае што мож да очекува од него.
Португалскиот тренер има договор со „волчицата“ до 2024 година, но повеќе извори во Италија тврдат дека ќе остане во клубот само ако му гарантираат средства за засилувања на тимот во летниот преоден рок. Пред утрешниот меч со РБ Салцбург во Лига Европа, Мурињо избегна директен одговор.
„Сега е средина на февруари, дали мислите дека тимот ќе разговара со мене во јуни? Мислам дека тоа ќе биде предоцна. Јас не очекувам ништо, тие знаат точно што да очекуваат од мене“, вели Мурињо.
Португалецот неодамна изјави дека имал шанса да си замине од „Олимпико“ во декември, потврдувајќи дека имал контакти со Португалската фудбалска федерација за да стане наследник на Фернандо Сантош по Светското првенство во Катар.