Менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо за „Скај спортс“ изјави дека Златан Ибрахимовиќ е многу блиску до кам-бек на фудбалските терени и дека тоа ќе се случи оваа година.
Шведскиот ветеран ги повреди лигаментите на коленото минатата сезона, но Јунајтед му дадоа нов едногодишен договор, и според Мурињо, тој би можел да го направи кам-бекот на градското дерби против лидерите Манчестер сити следниот месец.
„Тој е лав, тој е борец. Мислам дека тоа е добар опис за него – ја има лутината постојано и затоа кам-бекот е блиску. Како што очекувавме, тој ги надмина сите прогнози, и ќе биде назад на теренот во 2017, што е неверојатно остварување“, вели Мурињо.
35-годишниот Ибрахимовиќ се врати на тренинзи во Керингтон во октомври. Лани тој беше најдобриот стрелец на Јунајтед со 28 гола.
Во исто време, „Сан“ објави дека Ибрахимовиќ дури може да направи неверојатен кам-бек овој викенд против Њукасл, заедно со уште еден повреден „Ѓавол“, Пол Погба.