Top Sport

На Болт му е доста од „досадниот фудбал“ на Мурињо

Спринтерската легенда Јусеин Болт, кој никогаш не криел дека е огромен навивач на Манчестер јунајтед, вели дека е фрустрирачки да се гледа тимот под водство на Жозе Мурињо, и во исто време го моли Пол Погба да остане.

Болт, кој имаше неколку фудбалски авантури и тренираше со тимови од Германија, Јужна Африка и Норвешка, вели дека главен виновник за „досадниот фудбал“ на Јунајтед е тренерот Жозе Мурињо.

„Оваа сезона почнавме добро, но набргу станавме досадни. Не ми се допаѓа тоа, бидејќи Манчестер јунајтед секогаш бил напаѓачки тим. Но, така игра Жозе Мурињо“, вели Болт за „Гол“.

Сепак, Болт не сака Јунајтед да ги загуби своите ѕвезди и му порача на Пол Погба, кој беше мета на критики цела сезона дека не е умно да замине.

„Ќе биде подобро да ме послуша и да остане“, вели Болт.

Оваа недела тој ќе добие шанса да игра на „Олд Трафорд“ како дел од „Сокер ејд“ акцијата на УНИЦЕФ, меч на славни лица во кои англискиот тим на пејачот Роби Вилијамс ќе игра против остатокот на светот под Болт.

Во англискиот тим ќе бидат и атлетичарот Мо Фарах и ексфудбалерите Мајкл Овен и Дејвид Симан, додека во тимот на Болт ќе бидат Кларенс Сидорф, Хуан Верон, Роби Кин, Јаја Туре и славниот готвач Гордон Ремзи.

Scroll to Top