Top Sport

На Џака му е супер во Арсенал, вели неговиот брат

Гранит Џака нема да замине од Арсенал во јануари и покрај понудата од бундеслигашот Херта, вели неговиот брат, фудбалерот на Базел, Таулант Џака.

Швајцарскиот репрезентативец го навлече бесот на навивачите на „топчиите“ оваа сезоната, откако при замената во дуелот со Кристал палас ги провоцираше навивачите и ги опцу, по што ја загуби капитенската лента. Меѓутоа, по промената на тренерската позиција во северен Лондон, откако Микел Артета го замени Унаи Емери, Швајцарецот доби нова шанса.

Таулант вели дека поранешниот фудбалер на Базел и Борусија Менхенгладбах е презадоволен во Арсенал.

„Гранит ми кажа дека дефинитивно сака да остане во Премиер лигата. Не знам дали понудата од Херта беше конкретна, но знам дека се чувствува многу задоволно во Арсенал“, вели Таулант Џака.

Џака, кој има 82 настапи за швајцарската репрезентација, потпиша за Арсенал во 2016 година, по што има 152 настапи и 11 гола за Арсенал.

Scroll to Top