Top Sport

На Венгер не му пречи лошиот Арсенал?

Иако многумина сметаат дека неговиот престој на „Емирати“ доживува неславен крај, Арсен Венгер, иако признава дека Арсенал е во полоша форма од минатата сезона, додава дека „може да живее со таа реалност“, нешто што сигурно нема да им се допадне на разочарните навивачи на „топчиите“.

Арсенал лани првпат по 17 години не успеа да се пласира во Лигата на шампионите, а слична судбина ги чека и оваа сезона освен доколку не успеат да ја освојат Лигата на Европа, бидејќи заостануваат 13 поени зад четвртото место во ПЛ, загубија од Нотингем во ФА купот и беа поразени од Манчестер сити во финалето на Карабао купот.

Навивачите го покажаа своето незадоволство со полупразните трибини при 3:0 поразот од Сити во четвртокот, но Венгер не е многу загрижен.

„Сезоната е полоша од лани, бидејќи тогаш го освоивме купот и имавме 75 поени. Не можам да го демантирам тоа, но ќе анализираме на крајот на сезоната. Не се секирајте, јас можам да живеам со реалноста. Во моментот, реалноста вели дека го загубивме купот и уште еден голем меч“, вели Венгер.

Тој исто така луто реагираше на обвинувањата дека не знае да ја адаптира тактиката за различните противници.

„Не е вистина! Се обидувам да најдам решение со кое тимот ќе се чувствува удобно и сигурно. Знам дека моментот е тежок, но мораме да имаме и малку перспектива. Игравме против Сити, тим кој не само што е од врвен квалитет, туку и со врвн самодоверба“, вели Венгер.

Арсенал денеска игра со Брајтон во Премиер лигата, пред во четврток да гостува на Милан во првиот меч од осминафиналето на Лигата на Европа.

Фото: ЕПА

Scroll to Top