Директорот на трансфери на Вест Хем, Тони Хенри доби суспензија и најверојатно го чека отказ откако направи расистичка изјава при крајот на зимскиот преоден рок.
Според „Дејли мејл“, во електронска порака од Хенри на 27 јануари, тој известува еден агент дека „не сакаат повеќе африкански фудбалери бидејќи тие прават хаос“. Говорејќи за еден неименуван камерунски фудбалер Хенри напишал: „Не сакаме веќе Африканци, а тој не е доволно добар“. Интересно, тој одговори на барањето на „Мејл“.
„Не се работи за расизам, туку за тоа што африканските фудбалери понекогаш имаат лош однос. Кога не се во составот прават хаос. Немам ништо против Африканците, но имавме проблеми како со Диафра Сако. Исто така Русите не се навикнуваат добро во Англија. Колку Италијанци се тука? Не се работи за дискриминација“, изјави Хенри.
Вест Хем во моментов имаат шест африкански фудбалери, а еден од нив, Шеику Кујате еден ден по коментарите се пофали на Инстаграм со фотографија и со легенда: „Африканец и горд“.