Top Sport

Нагелсман за свирежите кон Сане: Тој не оди на нивната работа да им свирка

Тренерот на Баерн Минхен, Јулијан Нагелсман застана во одбрана на Лирој Сане, откако фудбалерот од средниот ред беше „почестен“ со свирежи од сопствените фанови при драматичната 3:2 победа над Келн во неделата.

Сане беше исвиркуван кога ќе ја добиеше топката и дел од навивачите дури аплаудираа кога тој беше заменет од Џамал Мусијала на почетокот на второто полувреме.

„Вкупно, не одигравме добар меч во првото полувреме. Да, ги забележав свирежите, а нашите навивачи треба да ги поддржат своите играчи. Кога некој од нив не завршува добра работа на своето работно место, Сане не оди таму да им свирка. Нема фудбалер на светот кој не сака да даде врвни перформанси на секој меч. Сепак, не треба да зборуваме за сите работи кои се случуваат на трибините“, вели Нагелсман.

25-годишниот Сане пристигна во Баерн за 60 милиони евра од Манчестер сити во јули 2020, откако претходно паузираше цела сезона поради повреда на лигаментите на коленото. Во Минхен не се покажа во најдобро светло досега – има 10 гола и 12 асистенции во 47 настапи и често не е редовен стартер.

Scroll to Top