Серхио Рамос синоќа во Букурешт го постигна првиот гол за Шпанија во квалификацискиот меч против Романија. На крајот Шпанците победија 2-1 што е нивна прва победа на романска почва во историјата.
Шпанците со новата победа речиси се пласираа на ЕУРО 2020. „Црвената фурија“ има максимален број на бодови по пет одиграни натпревари.
Рамос во финишот на првото полувреме го постигна првиот гол за Шпанија од пенал. Поради начинот на кој го прослави голот тој доби жолт картон. Рамос славејќи се доближи до една од камерите и гестикулираше како да има очила. Таа негова реакција ги разлути домашните навивачи, а тој по натпреварот објаснил дека немал намера да провоцира.
„Жолтиот картон настана како плод на мешаница. Се радував за мојот внук. Двајцата носиме очила, го направив тоа за да го израдувам. Овој гол е за него. Судијата на полувремето ми кажа дека помислил дека јас гестикулирам кон трибините. Навистина не го направив тоа“, рекол Рамос.
Шпанците наредниот меч ќе го одиграат за три дена против Фарските острови во Хихон.