Речиси три децении Неапол чека скудето да се врати на „Сан Пауло“. Сезонава Наполи е еден од фаворитите да го прекине шестгодишното владеење на Јувентус. Наполитанците по 19 кола се лидери на табелата со 49 бода, еден повеќе од Јувентус.
Наполи синоќа испадна од Купот на Италија, загуби како домаќин од Аталанта 1:2, што само ги потврди прогнозите дека клубот оваа сезона го интересира само скудето.
Траката со Јувентус, веројатно и Рома и Интер, ќе биде неизвесна до самиот крај поради што тренерот Маврицио Сари побара од раководството да го засили тимот во актуелниот преоден рок.
Приоритет за Наполи се еден десен бек и напаѓач бидејќи Аркадиуш Милик е повреден, а Дрис Мертенс не е во форма.
Наполи сака нападот да го засили со контроверзниот Марио Балотели, пишува во своето денешно издание „Кориере дело спорт“.
Поранешниот играч на Интер, Манчестер сити, Ливерпул и Милан е член на Ница, а неговиот договор со францускиот клуб истекува по завршувањето на сезоната.
27-годишниот напаѓач во Ница успеа да ја врати својата кариера на вистинскиот пат. Откако пристигна на азурниот брег во 2016 година, медиумите не успеаја да ископаат ниту една пикантерија поврзана со Марио.
Балотели за Ница има одиграно 49 натпревари и постигнато 33 гола, а оваа сезона неговиот учинок е 16 гола на 21 натпревар.