Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис, побарал од Европската фудбалска унија (УЕФА), неговиот тим натпреварите во Лигата на шампионите да ги игра на стадионот „Свети Никола“ во Бари.
Де Лаурентис води борба со градот околу правата врз стадионот во Неапол. Тој бил подготвен да го купи земјиштето на кое се наоѓа стадионот, додека градот нема намера да се откаже од легендарниот стадион „Сан Паоло“.
Контроверзниот претседател на Наполи во исто време има сопственост и врз фудбалскиот клуб Бари, поради шти и побарал од УЕФА, натпреварите во Лигата на шампионите Наполи да ги игра на стадионот во овој град.
Наполи во Лигата на шампионите ќе им биде домаќин на Црвена звезда, ПСЖ и Ливерпул. На стадионот „Свети Никола“ , во Бари, Црвена звезда го има забележано најголемиот успех во клупската историја, кога во 1991 година ја освои европската титула.
„Ова е кошмар. Доста е. Не сакам повеќе контроверзи, ќе иградам свој стадион. Ќе биде потребно време, но никој нема да може да биде против кога ќе вложам свои пари и кога ќе купам земјиште. Ќе побарам од УЕФА да ни дозволат да играме на „Свети Никола“ во Бари. Сопствени пари ќе потрошам за да ги донесам Наполитанците во Бари да гледаат натпревари во ЛШ“, рекол Де Лаурентис.