Фудбалскиот клуб Наполи повторно е под истрага за наводното доделување на билети за мечевите на мафијашката групација „Камора“.
Претседателот на Јувентус, Андреа Ањели веќе беше казнет за нелегална продажба на билети за неговиот тим, кои подоцна биле препродавани од мафијашката група „Ндрагета“, а сега „Газета дело спорт“ тврди дека слична истрага има и против тимот од Неапол, и уште поинтересно истрагата вклучува и неколку фудбалери.
Италијанските обвинители наводно имале фотографии на дел од играчите на „партенопеи“ како се дружат со луѓе кои се докажани членови на „Камора“. Фудбалерите се на фотографии со браќата Еспозито, кои лани беа уапсени поради обвиненија за перења пари, и со Еторе Бости од злогласниот клан Контини. „Газета“ вели дека играчите нема да бидат обвинети, но дека клубот може да сноси последици.
„Истрагата е иста како таа со Јувентус, но беше водена од обвинителот во Неапол. Досега се закажани 34 сослушувања и фотографиите кои излегоа се вознемирувачки. Би сакале да спречиме вакви ситуации во иднина. Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис, маркетинг-менаџерот Алесандро Формисано ни кажаа дека клубот не бил под притисок, но фотографиите покажуваат нешто друго“, вели Марко ди Лело, од анти-мафијашката комисија на Италија.
Наполи последните години не се поврзува со наполитанската мафија, но во текот на 1980-тите и 1990-тите имаше сериозни обвинувања. Прво тука беа никогаш докажаните шпекулации дека токму „Камора“ беше најзаслужна за трансферот на Диего Марадона од Барселона во Наполи во 1984 година, а потоа и обвинувањето дека тимот намерно ја загуби титулата во 1998 година како услуга за нелегалните обложувалници, за што играчите добивале кокаин и бесплатни посети на проститутки.
Сепак, правно се работи за сосема поинаков тим, бидејќи стариот Наполи банкротираше во август 2004 со долгови од 70 милиони евра, по што филмскиот продуцент Аурелио де Лаурентис го обнови тимот под име „Наполи сокер“, бидејќи не смееја да го користат старото име „АЦ Наполи“. Овој нов Наполи почна со настапи во Серија Ц1, третата италијанска лига. Во 2006 година, Наполи успеа да се врати во првата лига.