Поранешниот бразилски репрезентативец, Валтер Казагранде влезе во неочекуван напад на првата ѕвезда на бразилскиот фудбал, Нејмар, велејќи дека Бразил изградил „чудовиште“ во фудбалерот кој не е толку добар како Меси и Роналдо, и дека може да се случи катастрофа на Светското првенство во Русија ова лето.
Нејмар не успеа да ги инспирира Пари Сен-Жермен до победа на гостувањето кај Реал Мадрид и за малку ќе добиеше црвен картон по симулирањето против Касемиро. Казагранде вели дека ситуацијата е „критична“.
„Ме загрижува што повеќето фанови и медиуми уште го тапкаат Нејмар по грбот. Тој веќе покажа неколку непримерни однесувања со тимот. Против Реал, доби жолт картон во првото полувреме, и за малку ќе беше исфрлен во второто. Ќе биде катастрофално ако се однесува така на Мундијалот. Креираме чудовиште, за кои неколкумина мислат дека е гениј“, изјави Казагранде за „Спор ТВ“.
На ова Нејмар не одговори, но затоа реши да проговори неговиот татко, Нејмар Сениор.
„Во војна има тие кои ќе помогнат да се победи, и тие кои како мршојадци не прават ништо туку само ја отежнуваат работата. Во фудбалскиот свет познавам многу луѓе со ваков менталитет, кои чекаат шанса да го добијат микрофонот и да уништат нечија кариера. Битката е загубена, но не и војната. Мојот син води војна од својата младост, секогаш е добар во војна и знае да избега од мршојадците“, напиша Нејмар Сениор.