Top Sport

Нара: Икарди сака да остане во Интер, Марота: Веќе не ми се зборува за него

Ванда Нара, сопругата и агентот на Мауро Икарди, вели дека 26-годишниот аргентински напаѓач не сака да замине од клубот и покрај мистериозните случки во последните неколку недели во кои тој ја загуби капитенската лента и нема играно оттогаш поради наводна повреда на коленото.

Наводните трансфери во Реал Мадрид и Јувентус беа неколку пати споменувани од италијанските медиуми, но Нара вели дека нема ништо од тоа.

„Не сакам да кажам нешто што би било погрешно разбрано. Ова ќе биде важна недела за сите навивачи на Интер и позитивна за нив. Јас го сакам најдоброто за Мауро, а тој сака да остане во Интер. Работам на тоа тој да се чувствува добро и да се помири со клубот. Имаме и адвокат кој е навивач на Интер“, вели Нара за „Спорт медијасет“.

Од друга страна, на генералниот менаџер на Интер, Бепе Марота очигледно му е смачено од шпекулациите околу Икарди, и тврди дека не ја гледа фудбалската емисија на нара „Тики така“ која секој понеделник се дава на италијанската ТВ.

„’Тики така’, не не го гледам тоа. Зошто? На програмата е предоцна. Станувам во 7 часот наутро и имам работа. Кога ќе зборувам со Икарди? Мислам дека веќе е доволно кажано за тоа“, вели Марота.

Scroll to Top