Поранешниот фудбалер на Арсенал и Манчестер сити, Самир Насри, се согласил да почне со тренинзи со тимот на Вест хем за да докаже дека е физички подготвен за да добие постојан договор со клубот од Лондон, кој во прв момент се „вџаши“ од барањето од неделна плата од 95.000 фунти.
31-годишниот Французин, кој е слободен агент, ги помина медицинските тестови во Лондон и сега има време до Нова Година да покаже дека е подготвен откако последните две години не играше поради допинг-суспензијата за контроверзната инфузија која ја доби во клиника во Лос Анџелес.
Тренерот на Вест хем, Маурисио Пелегрини, кој работеше со Насри во Манчестер сити, според британските медиуми бил подготвен да му даде шанса на Насри, но неговото барање за плата од 95.000 фунти неделно и наводниот интерес на клуб од Кина ги компликува работите.
Последната „авантура“ на Насри беше во турскиот Анталијаспор.