Фудбалерот од среден ред на Тотенхем, Танги Ндомбеле му кажал на менаџерот Жозе Мурињо дека никогаш нема да игра со него како тренер, тврди „ЕСПН“.
Инцидентот е последен во низата несогласувања меѓу 23-годишниот Французин и Мурињо, и се случил на понеделничката тренинг-сесија, а расправијата продолжила и во канцеларите на Мурињо. Ндомбеле пристигна во северен Лондон минатото лето од Лион за 62 милиони евра, како најскапо засилување во историјата на клубот и заработува над 10 милиони евра годишно во клубот.
Нему му е преку глава од постојаните критики кои ги добива од Мурињо приватно, но и јавно откако Португалецот го замени Маурисио Почетино минатиот ноември. И покрај тоа што Ндомбеле ослабел и се вратил во форма, а дури и тренинираше со Мурињо јавно во парк прекршувајќи ги правилата, тренерот му соопштил дека не е подготвен да биде стартер во двата меча против Манчестер јунајтед и Вест хем.
Според „ЕСПН“ тешко дека ќе се дојде до решение и единствен излез може да е продажба на Французинот, за кого претходно беа заинтересирани и Јувентус, Пари Сен-Жермен и Барселона, иако е тешко да се очекува дека сега некој ќе плати 60-тина милиони евра за него.