Top Sport

Не е само Гијан! Уште 10 фудбалски ѕвезди кои банкротирале

Асамоа Гијан, поранешниот фудбалер на Шангај СИПГ кој заработуваше 250.000 евра неделно, банкротираше, како уште еден во низата фудбалери кои „растуриле“ огромно богатство.

Британскиот таблоид „Сан“ потсети на уште неколку фудбалски ѕвезди кои ги загубија своите милиони.

РОНАЛДИЊО

Легендарниот Роналдињо наводно има само 6 евра на својата банкарска сметка, ако се верува на документите објавени минатиот месец, и во исто време должи околу 2 милиони евра на бразилската држава.

Неодамна, дел од неговите автомобили и друга луксузна роба беа запленети, а потоа тој се појави во реклама на една српска обложувалница.

ДЕЈВИД ЏЕЈМС

Поранешниот голман на Ливерпул и Манчестер сити и репрезентативен голман на Англија, Дејвид Џејмс во кариерата заработи над 20 милиони фунти, но во 2014 година објави банкрот.

Причината беше скапиот развод во 2005 година, по што судот му нареди да ја продаде својата спортска колекција, ди-џеј опремата и комбито кое го имаше.

ДИЕГО МАРАДОНА

Марадона беше на врвот на светот, и потоа можеше да оди само надолу. Иако двапати во својата кариера го рушеше рекордот за најскап трансфер, во 2009 година, тој исто така мораше да побара заштита од банкрот.

Италијанските даночници му бараа 45 милиони евра неплатени даноци за времето кога играше во Наполи.

ПОЛ МЕРСОН

Легендата на Арсенал, Пол Мерсон заработи 7 милиони фунти од фудбалот, кои потоа лесно ги потроши на коцка, алкохол и дроги. Тој дури го растури својот пензиски фонд од 800.000 фунти за да се обложува!

За среќа, тој се опорави од своите проблеми и сега работи како ТВ-коментатор за „Скај спортс“, иако призна дека дури размислувал да си ги скрши прстите за да не може да се јавува на својот обложувач.

ЈОН АРНЕ РИСЕ

Две години откако ја освои титулата од ЛШ со Ливерпул, норвешкиот дефанзивец банкротираше и покрај платата од 50.000 фунти неделно на „Енфилд“.

Проблемите на Рисе дојдоа од неплатениот долг од 100.000 фунти, кој наводно бил поврзан со истрага за финансиска измама од 3 милиони фунти во неговата родна Норвешка.

ЕРИК ЏЕМБА-ЏЕМБА

Ерик Џемба-Џемба долго време ќе се смета како едно од најголемите „промашувања“ на Манчестер јунајтед, иако Сер Алекс Фергусон го донесе да игра покрај фудбалери како Кристијано Роналдо и Рајан Гигс.

Четири години откако си замина од „Олд Трафорд“ за Астон Вила, тој банкротираше. Камерунецот потоа играше во Шкотска и во Индија за да ги врати парите, а од неодамна игра во швајцарската петта лига.

БРЕД ФРИДЕЛ

Поранешниот голман на Астон вила и Тотенхем, Американецот Бред Фридел имаше големи планови кои скапо ги наплати.

Фридел имаше амбициозен план за изградба на фудбалска академија во САД, но иако вложи многу пари, на крајот остана со долг од 6 милиони долари и ја загуби куќата од 280.000 долари. Сега, Фридел работи како тренер на МЛС клубот, Њу Ингланд револушн.

ЛИ ХЕНДРИ

Поранешниот фудбалер на Астон вила и англиски репрезентативец, Ли Хендри, слично како Мерсон имаше голем проблем со коцкањето и во јануари 2012 година прогласи банкрот.

Хендри двапати се обиде да се самоубие, а сега работи како амбасадор на организацијата за ментално здравје „Млади умови“.

КИТ ГИЛЕСПИ

Кит Гилеспи, поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед и Њукасл, успеа да „списка“ повеќе од 7 милиони фунти и во 2010 година на 35 години прогласи банкрот. И кај него главниот проблем беше коцката.

„Загубив многу пари на коцкање, но и на купување на безвреден имот и други шеми на кои паднаа многу фудбалери“, изјави неодамна Гилеспи.

ПОЛ ГАСКОЊ

По сите проблеми со злоупотребата на алкохолот и дрогите, Пол Гаскоњ во 2016 година избегна банкрот и покрај тоа што имаше 42.000 фунти даночен долг во Англија.

За проблемите на Газа, може да се напише цела книга!

Асамоа Гијан вртеше милиони сега на сметката има само 600 фунти

Scroll to Top