Зинедин Зидан признава дека не знае кога Еден Азар ќе биде физички подготвен да игра за Реал Мадрид, откако шпанските медиуми ова лето тврдеа дека тој повторно се вратил со вишок килограми, со што ги разбеснел првите луѓе на клубот.
Азар стигна на „Бернабеу“ за 100 милиони евра од Челси, но имаше катастрофална прва сезона одбележана со повреди, во која постигна само еден гол. 29-годишниот Белгиец го скрши десното стапало и долго време беше во аут, а не играше ниту за репрезентацијата на мечевите од Лигата на нации. Пред неделниот старт на сезоната за „кралевите“ против Реал Сосиедад, Зидан потврди дека тој нема да патува во Сан Себастијан.
„Не можам да ви кажам кога ќе може да се врати, само можам да потврдам дека е подобро. Најважно е како тој се чувствува, а има време да се подготви за сезоната. Прво мора да биде на 100 отсто, а потоа ќе работиме“, вели Зидан, кој го донесе Белгиецот во Мадрид и секогаш имал голема доверба во него.