Иако поминаа месеци од трансферот на Нејмар од Барселона во Пари Сен-Жермен за рекордни 222 милиони евра, темата за заминувањето на Бразилецот уште е актуелна.
Околу тоа како се одвивал трансферот на столетието детални информации даде легендата на Барселона, Чави. Кога почнаа да се појавуваат приказните за врската со ПСЖ, никој на „Ноу Камп“ не сонуваше дека тој ќе замине и се веруваше дека се работи за тактика за добивање подобар договор со Каталонците.
Во исто време, таткото на Нејмар, Нејмар сениор работеше на договорот со кој неговиот син ќе стане ѕвезда во Париз далеку од сенката на Лео Меси. Сега Чави открива дека Нејмар својата одлука им ја соопштил на своите поранешни колеги на свадбата на Меси со Антонела Рокуцо во август.
„Нејмар дојде и ни кажа дека сака промена, сака друг клуб. Јас го прашав зошто би сакал да замине. Тој кажа дека не е среќен во Барселона, дека сака ново искуство во Европа. Во Париз. И го направи тоа. Тоа беше негова одлука и мораме да ја почитуваме. Со Нејмар и со Мбапе, ПСЖ сега имаат тим кој може да ја освои титулата од Лигата на шампионите“, вели Чави.