Напаѓачот на Пари Сен Жермен, Нејмар, рекол дека не се согласува со Пеле, но дека критиките што ги упатил легендарниот фудбалер на негова адреса „се интересни“.
Пеле, неодамна, во едно интервју го коментирал изданието на неговиот млад сонародник на Светското првенство во Русија. Тој го критикувал Нејмар поради начинот на кој се обидувал да изнуди прекршок и да испровоцира жолт картон за противниците.
„Поради фудбалските квалитети, но и поради останатите работи што ги применува Нејмар е тежок за чување. Разговарав со него и го потсетив на квалитетите што ги поседува. Тој не беше во прв план бидејќи немаше среќа, а Бразил не го освои Мундијалот. Два пати сме се сретнале во Европа и му кажав: Богот на фудбалот ти даде подарок. Тоа што го правиш само ги компликува работите“, рекол Пеле.
Меѓутоа Нејмар поинаку гледа на работите, има различен став и мислење од она на Пеле.
„Критиките на Пеле? Интересни се. Секогаш кога не победувате се појавуваат критиките. На Светското првенство ниту еднаш не симулирав, мене ме фаулираа. Луѓето уште разговараат на таа тема бидејќи во прашање е Нејмар, сето тоа е ‘напумпано’. Го почитувам мислењето на Пеле, но не се согласувам со него“, рекол Нејмар.