Иднината на Един Џеко во Рома повторно е неизвесна, откако италијанските медиуми тврдат дека постои голем конфликт со тренерот Пауло Фонсека и еден од нив ќе ја напушти „волчицата“, тврди „Спорт Италија“.
Интер не се во трка за босанскиот ветеран, а не се верува дека и на Јувентус им е потребен, откако го добија Алваро Мората на позајмица од Атлетико Мадрид во текот на летото. Преселба надвор од Италија е поверојатна опција за 34-годишниот Џеко по четири и пол сезони на „Олимпико“.
Џеко има 7 гола во 15 меча во Серија А оваа сезона, но пред некој ден тој заедно со Лоренцо Пелегрини влегоа во голем конфликт со Фонсека по отпуштањето на тимскиот менаџер Џанлука Гомбер по фијаското со шест замени на мечот од Копа Италија против Специја (кој денеска официјално го загубија со 3:0). На Џеко не му се допаѓа тактиката на португалскиот тренер, а лошите резултати не влијаат добро на атмосферата.
Според „Ла република“ пак, доколку утре не ги совладаат Специја, управата на Рома ќе мора да избере помеѓу тренерот и капитенот.