Томас Вермален ќе биде надвор од акција повеќе од еден месец откако доби скинат мускул на ногата, потврдија од Барселона во уште еден удар на кариерата на Белгиецот.
Вермален го играше само третиот меч за Барса во Ла лига оваа сезона при 0:5 победата над Леванте во неделата, кога се повреди и беше заменет со Артур во 52. минута.
Белгиецот има вистински кошмар со повредите во неговата кариера, прво пропуштајќи голем број на мечеви во Арсенал поради проблемите со физичката подготвеност, а по трансферот во Барселона во 2014, оваа ситуација продолжи.
Тој веќе имаше пропуштено речиси два месеци оваа сезона поради проблеми со бутниот мускул и сега најверојатно нема да биде во тимот на Барса за следните пет меча – дуелот со Селта Виго пред зимската пауза, како и лигашките мечеви во јануари против Хетафе и Еибар, како и дуелот од Копа дел реј против Леванте (два меча).