Леонардо Бонучи нема намера наредната сезона да им биде резерва на Џорџо Кјелини и Матијас Де Лихт. Италијанскиот репрезентативец се подготвува по втор пат во последните три години да замине од Торино.
Италијаните пишуваат дека за Бонучи постојат две опции, Манчестер сити и Пари Сен Жермен.
Сити и пред три години имаа желба да го донесат Бонучи, но тогаш тој реши да остане во Италија и се пресели во Милан за 35 милиони евра. „Кориере дело Спорт“ тврди дека Јувентус би им го продале Бонучи на Сити за 50 или 60 милиони евра.
Други медиуми во Италија пишуваат дека ПСЖ е опција за италијанскиот репрезентативец. Спортскиот директор на ПСЖ, Леонардо, го контактирал менаџерот на фудбалерот и тој добил дозвола да започне со преговорите.