Јуп Хајнкенс, на прес конференцијата, пред натпрварот во Севилја, одговарајќи на новинарско прашање рекол дека „ннема шанси Левандовски да замине во Реал“.
„Карл-Хајнц Румениге минатата недела рече дека Роберт Левандовски и наредната сезона ќе игра во Баерн. Добро ги познавам Ули Хенес и Румениге, а тоа значи дека нема шанси реал да го откупи договорот на Левандовски“, рекол Хајнкенс.
Искусниот тренер верува дека неговиот тим успешно ќе го мине гостувањето во Севилја во четврт-финалето во Лигата на шампионите.
„Тоа е голем предизвик за нас, но Баерн има големо искуство. Очекувам да биде слично како во Истанбул во осмина-финалето. Сјајна атмосфера, одличен тим, кој од првата минута ќе влезе мотивирано за да не победи. Ја почитуваме Севилја, тоа е врвен противник“, истакнал 72-годишниот тренер.
Хајнкенс го коментирал и податокот дека од 2013 година, кога токму под негово водство Баерн ја освои титулата, Баварците секогаш испаѓале од шпански тимови (Атлетико, Реал, Барселона).
„Победувавме во 2012 и 2013 година во Шпанија и тоа ги победивме двете најдобри екипи во историјата на шпанскиот фудбал – Реал и Барселона. Она што се случувало во последните четири години не ме интересира. Тоа е заборавено“, заклучил Хајнкенс.